На Бистра, на патеката „Мирна долина“ на Маврово, викендов ќе се одржи 52. издание на меѓународниот натпревар во нордиско скијање „Мавровски меморијал“.

Мавровскиот меморијал како еден од неколкуте најважни купови, од овој тип, во Европа, со особен придонес за промоција и афирмација на Маврово и Република Македонија. Радува фактот што во знак на добро организираните досегашни натпревари, од балкански – регионален куп, Мавровскиот меморијал прерасна во континентален – европски куп со признание од Интернационалната скијачка федерација (ФИС) и што токму нашиот куп се вбројува во еден од најзначајните во Европа од овој тип.
Седум држави го потврдија своето учество, покрај Македонија, свои натпреварувачи ќе имаат Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија и Турција. Бројот на учесници е 54, од кои 35 во машка и 19 во женска конкуренција исто така најавени се 18 домашни натпреварувачи, од нив 15 мажи и 3 жени.
Главни покровители се Агенцијата за млади и спорт и Општина Маврово и Ростуше.
Денес во 14:30 со полагање на цвеќе на споменикот на загинатите градители и свечено ќе биде отворен годинешниот Мавровски меморијал, по што следува Музички хепенинг со многу македонски фолк и поп пејачи пред хотел Спорт – Маврово.
Во сабота во 10 часот програмата ќе почне со женската трка на 5 км слободен стил, од 10,45 ч. е машката трка на 10 км. В недела во истите термини жените ќе трчаат 10 км, а мажите 5 км.
Натпреварот се одржува во чест на 38-те загинати градители на мавровските хидроцентрали и на 14-те граничари што загинаа од снежна лавина во 1956 година.

mavrovski_memorijal_1