Покрај течението на реката Радика, во Општина Маврово-Ростуше денес Претседателот на Влада, Никола Груевски и Градоначалникот на општината, Мукрем Мехмеди свечено ја отворија првата повеќенаменска спортска сала, која е дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт за изградба на 35 спортски сали и 50 фудбалски игралишта. Планирано е таа да биде дел од поголем спортско рекреативен центар „Радика“, за кој локалната самопуправа веќе има дефинирано план тој да се прави по пат на јавно-приватно партнерство. Претседателот на Владата наведе дека салата е лоцирана во центарот на регионот на Ростуше за тој да заживее и да им биде блиску на сите околни села и населени места. Со денешното пуштање во употреба салата и ја отстапуваме на општина Маврово Ростуше и неа ќе може да ја користат сите спортски клубови, спортисти и ученици.Часовите по физичко воспитување нема повеќе да се одржуваат во училници и по ливади, туку во нормални услови, во модерна сала и со најсовремена спортска опрема. Особено ме радува тоа што го најави градоначалникот дека општината ќе гради и други спортски терени во околината на салата со што регионот ќе добие голем спортски комплекс во кој верувам ќе се родат многу спортски таленти, рече Груевски. На отворањето на салата градоначалникот Мехмеди истакна дека неостварениот сон на многу генерации денеска се исполнува. Смета дека проектот ќе има повеќекратни позитивни ефекти во животот на младите и оти ќе го подобри квалитетот на живот на сите семејства во овој крај. Со изградбата на планираниот комплекс „Радика“ и со другите инфраструктурни проекти, рече Мехмеди, ќе се подобри стандардот и ќе се отворат повеќе работни места за жителите од општината.

lenta-sala