Премиерот Никола Груевски заедно со Градоначалникот Мукрем Мехмеди ги посетија реканските села Ростуше, Скудриње, Требиште, Велебардо, Јанче и Жировница каде имаа средба со граѓаните од овој долнорекански регион кој е печалбарски и во изминатите неколку децении од него се отселиле околу 40 отсто од жителите. На средбата со долнореканците, Премиерот Груевски и Градоначалникот Мехмеди имаа можност да се запознаат со секојдневните проблеми што ги тиштат граѓаните од овој крај како и разговараа за можен повраток на спечалениот капитал од странство да го инвестираат во овој крај отворајќи можности за нови работни места. Тие ги посетуваат родните огништа токму во овој период од годината. Од Ростуше во изјава за медиумите, прати порака до печалбарите дека реканскиот крај се развива. – Како Влада никогаш не сме го заборавиле, ниту оставиле, ниту потцениле овој крај. Јас сум во некое од овие места секоја или секоја втора година за да разговарам за проблемите. Градоначалникот Мехмеди е многу посветен за да го подобри животот на граѓаните од овој крај, а ние му помагаме колку што можеме и со заеднички напори се обидуваме овие населени места да се развиваат, да одат напред и да станат колку што е можно поквалитетни места за живеење, истакна вчера Груевски.

gruevski4