Заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман, градоначалниците од полошкиот плански регион, директорите на комуналните претпријатија и управата на регионалното претпријатие Русино Полог бевме на теренска посета на регионалната депонија Русино на увид во напредокот на активностите реaлизирани во рамки на проектот за Интегрирано управување со отпад финансиран од швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO).Ефективно и одржливо управување со отпад е клучно за да се обезбеди благосостојба на граѓаните и за заштита на природата. Соработката меѓу локалните самоуправи и централната власт ќе придонесе за трајно решевање на проблемите со отпадот на територијата на целата држава. Швајцарија го поддржува унапредувањето на услугите за управување со отпад во Полошкиот регион од 2018 година. Со финансиска поддршка од 1,9 милиони швајцарски франци беше подготвен План за регионално управување со отпад, беше основано регионално јавно претпријатие и беа спроведени мерки со брз ефект за депонијата. Инаку, оваа депонија на ова место ќе работи уште две години, по што ќе мора да се најде нова локација. Во меѓувреме, се очекува во Собранието да биде одобрен заем од околу 50 милиони евра за изградба на нова регионална депонија, каде ќе се врши и рециклирање на отпадот.