Отворени двата еко-пазари во Маврово и Ростуше како дел од проектот „Промоција на ко-производи во прекуграничната област“

Денес во Маврово, Општина Маврово и Ростуше се отвори пазар за продажба на еко и органски производи. Повеќе од дваесет производители и собирачи на еко-храна и органски производи ги изложија своите производи пред домашните и странските посетители и туристи. На тезгите можеа да се најдат најразлични производи кои носат печат од ова чисто поднебје како што е мавровското овчо и козјо сирење и кашкавал, разни џемови и слатка  произведени од самоникнати плодови, мед, чаеви и многу други видови на диворастечки растенија. Освен во Маврово, изграден е и еден еко-пазар кој поседува капацитет од вкупно 50 тезги кој допрва се планира да биде пуштен во употреба.

Двата еко-пазари беа изградени со поддршка на Европската Унија во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија. Имплементатор на проектот е Општината Маврово и Ростуше во партнерство со Националниот Парк Маврово кој со помош на проектот се сертифицираше како органски. На овој начин, собирачите на самоникнати плодови и диворастечки растенија можат да му додадат вредност на производите потенцирајќи дека истите се набрани во органски сертифицираниот Национален парк.

Овој проект преставува иницијален чекор во промоција на локално произведена органска храна. Целта на целата акција е економско зајакнување на производителите и собирачите на еко-производи преку продажба на истите, а со тоа и придонес кон поттикнување на економскиот развој на регионот во целина.