На Бистра заврши традиционалниот Мавровски Меморијал кој се одржа по 51 пат во женска и машка конкуренција. Мавровскиот меморијал како еден од неколкуте најважни купови, од овој тип, во Европа, со особен придонес за промоција и афирмација на Република Македонија. Радува фактот што во знак на добро организираните досегашни натпревари, од балкански – регионален куп, Мавровскиот меморијал прерасна во континентален – европски куп со признание од Интернационалната скијачка федерација (ФИС) и што токму нашиот куп се вбројува во еден од најзначајните во Европа од овој тип. По 51. пат се остваруваа желбите и соништата на генерациите од далечната 1957 година, кои го организираа првиот меморијал – натпревар во нордиско скијање. Градоначалникот Мукрем Мехмеди честитајќи им на победниците, на сите учесници и гости во Маврово им се заблагодари за убавото дружење, спортување и добрите впечатоци од годинешниот Мавровскиот меморијал. Во дисциплината 10км. слободен стил во машка конкуренција победник беше Андреј Гридин од Бугарија со време 24:26.1 минута, додека зад него застанаа Србинот Миланко Петровиќ (25.02.4) кој беше и еден од фаворитите, како и Еди Дадиќ (25:23.1) од Хрватска. Во првата трка кај девојките, 5 км слободно, бугарската нордијка Антонија Бургова-Глигорова (14:41.3) дојде до златниот медал, во конкуренција на сонародничката Теодора Малчева (14:55.4), како и Ведрана Малец од Хрватска (15:26.6). На 10 км слободно кај дамите Бугарката Малчева сега се најде пред Глигорова со 4.6 секунди предност, додека Хрватката Малец ги следеше на третата позиција. Нашата Кироска, пак, заврши на 9. место. Последната дисциплина, 5км слободен стил кај мажите му припадна на Дадиќ од Хрватска пред Бугаринот Гридин, односно сонародникот Андреј Буриќ. На оваа трка Дамјановски го поправи саботниот впечаток и извозе со време (12:52 мин.) што му овозможи пласман на петтата позиција.

mavrovski_memorijal_1 mavrovski_memorijal