Со положување цвеќе од страна на Градоначалникот Медат Куртовски, директорот на НП Маврово Самир Ајдини и Претседателот на организацискиот одбор Кочо Кираца на споменикот на загинатите градители, кои во далечната 1956 година го загубиле својот живот при изградба на електросистемот на хидроцентралата во Маврово свечено беше отворен традиционалниот 55 – ти Мавровски меморијал.
Мавровскиот меморијал се одржува во чест на загинатите градители на хидроцентралата Маврово кои од страшна лавина го загубија животот.
Од 1957 година група на ентузијасти со цел да не се заборави големото дело на загинатите градители и спасувачи го организираа првиот куп наречен Мавровски меморијал.
Отворањето започна со звукот на познатите зурли и тапани на мајовците и поздравниот говор на Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше.
Градоначалникот Куртовски, потенцирајќи ја важноста на спортувањето, посебно убавината во зимските спортови, на сите натпреварувачи од Македонија и од другите Балкански и Европски држави им посака голем успех на овогодишниот куп како и пријатни мигови во најубавиот и најживописен крај во Македонија.