ОПШТИНА МАВРОВО И РОСТУША

 

Oпштина Маврово и Ростуше се наоѓа во западниот дел на Македонија, погранична општина, на запад се граничи со Албанија, а на северозапад со Косово, зафаќа површина од 682 km2 и е една од трите територијално наголеми општини во нашата држава. Главна одлика на оваа општина е ридско-планинската структура на земјиштето, со 42 населени места – селски населби, со релативно мала населеност по км2. Релјефот, климата, местоположбата, културните и природните богатства ја прават општината вистинска туристичка атракција за поширокиот регион, а сето тоа е причина повеќе да биде посетувана како од домашни, така и од странски туристи. Позначајни туристички објекти кои се наоѓаат на територијата на оваа општина, а вредни да се споменат се: Мавровското езеро, реката Радика, водопадите Дуф, Бојков Кладенец, ледничко езеро Локув, планините Кораб, Бистра, Крчин и Дешат, пештерите Шаркова дупка, Алилица, Калина дупка и уште многу други непомалку значајни туристички атракции.

Седиштето на општината се наоѓа во с.Ростуше. Нејзината организациона поставеност се изразува преку три сектори и тоа: Сектор за урбанизам, комунални дејности, туризам, угостителство и заштита на животната средина; Сектор за финансирање, буџет и локален развој и за администрирање на приходи и Сектор за нормативно-правни, општи и адимистративни работи и за јавни дејности; со интенција за понатамошно зголемување на нивниот број со што би се опфатиле сите сфери на човековиот живот, а со тоа и би се задоволиле во целост правата на граѓаните во оваа општина.

 

ПРИРОДНИ БОГАТСТВА – Oпштината Маврово и Ростуше изобилува со природни богатства, почнувајќи од реки, планини, езера, пештери и низа други природни убавини. Еден од позначајните природни ресурси на овој крај е водата, која ја има во големи и задоволителни количини. Така хидрографијата во овој крај се одликува со богати води, меѓу кои најзначајна е реката Радика, која се простира по средината на националниот парк “Маврово“, а се одликува со бистра вода и е доста богата со риба, особено со пaстрмка, која е позната низ целата држава. Особен внимание заслужува и глацијалното езеро “Локув“ кое се наоѓа на прекрасната и живопсина планина Дешат на надморска височина од околу 1570 м. До ова езеро може да се стигне по обележани пешачки патеки и тоа преку две локации, едната локација води преку селото Битуше, додека другата локација преку селото Требиште. Не може да се зборува за природно наследство, а да не се спомне надалеку познатиот водопад “Дуф“ кој се наоѓа во близина на селото Ростуше и кој претставува вистиски туристички феномен, ремек дело на природата, а до кој може да се стигне по обележани пешачки патеки. Денес овој водопад е многу често посетуван од страна на туристи од различни возрасти, него го посетуваат како студенти, така и пензионери. Според тоа можеме да кажеме дека навистина вреди да се посети едно вакво природно богатсво, една конструкција на природата и нејзината моќ. Друга битна хидрографска одлика на оваа општина е Мавровското езеро, тоа е вештачко езеро кое се одликува со бистра и студена вода и кое претставува извор на електрична енергија. Посебно може да се ужива во благодетите на ова езеро, благодарејќи на развиениот

туристички потенцијал кој е распространет покрај самото езеро, а кој потенцијал се состои од низа на хотели, како во селото Маврово, така и во населбата Маврови Анови.

Покрај сето ова општината Маврово и Ростуше, се простира на планинско подрачје, каде што посебно внимание треба да им се обрне на неколку планини, меѓу кои позначајни се планината Бистра, Кораб, Дешат и Крчин. Планината Бистра се одликува со неколку планински врвови, а најзначаен од нив е врвот Меденица (2163 мнв), оваа планина е позната по развојот на зимскиот туризам, кој е овозможен со функционирањето на ски-центарот “Заре Лазарески“, кој во зима е еден од најпосетуваните ски-центри во нашата држава. Покрај ова општината може да се пофали со уште еден природен феномен, а тоа е планината Кораб, со највисокиот планински врв во нашата земја, познат како Голем Кораб со 2764 мнв.

 

 

КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО – Покрај природното наследство општината Маврово и Ростуше поседува и богато културно наследство, кое што се градело со години и години наназад. Токму за овој вид на наследство ни зборува и самата историја и историските споменци кои постојат и ден денес, како што е случајот со манастирот Св.Јован Бигорски и уште многу други културни споменици. Во минатото во овие краишта биле развиени голем број на занаети, како што се столарскиот занает, ѕидарскиот занает и др. Токму од овој дел на државата, посебно од Река и Мијачкиот крај, потекнуваат најдобрите ѕидари во Европа па и пошироко, нив денес можете да ги сретнете во многу европски држави Италија, Германија, Швајцарија и во други земји во светот. Како што погоре спомнавме манастирот Св.Јован Бигорски е една од реткостите не само во нашата општина туку и во целата држава, тој претставува вистинско културно богатство на кое одраз му даваат фреските и иконостасот кои се составни делови на црквата во самиот манастир. Едно друго доста значајно културно богатство на тлото на оваа општина е мостот “Елен скок“ кој се наоѓа на Гарска река и за кој мост врзани се повеќе легенди.

Друго доста значајно културно богатство во овој крај е славењето на празниците, како муслиманските, така и христијанските празници. Од муслиманските празници вреди да спомен месецот Рамазан – месец на постот. Тоа е период кога меѓу муслиманите преовладува мир и благосостојба, а се одликува со некои специфичности кои покрај религиската страна имаат и културна страна, како што е чинот на будење во ноќните часови со примена на етно музика, тапани и сурли, како и подготовката на разни видови на традиционални јадења. Од христијанските празници треба да се споме празникот Водици, празник каде што христијаните се облекуваат во својата традиционална носија и подготвуваат разни видови на јадења и специјалитет и на тој начин ги дочекуваат гостите од целото село.

Исто така на овој празник, верниците од христијанска вероисповест се фрлаат во водиите на реката Радика, за да го фатат крстот.