Во домот на културата во Ростуше се одржа промоција на книгата “Реканската каза во османлиските архивски документи од XIX и почетокот на XX век” од авторот д-р Армен Жарноски, асистент – истражувач во Јавната научна установа – Институт за национална историја – Скопје, Одделение за историјата на Македонија за време на османско – турското владеење.
Промотори на книгата беа академик проф. д-р Драги Ѓоргиев, проф. д-р Билјана Ристовска – Јосифовска и проф. д-р Хасан Џило.
Предмет на оваа монографија се социо-политичките состојби во Реканскиот регион во периодот на XIX до почетокот на XX век, истражени врз основа на османлиските архивски документи.
Основната цел на оваа книга е преку изложување на архивски документи да се истакнат некои аспекти од историјата на Реканскиот регион што досега не биле истражени.
Освен ова, изложени се и барањата и молбите од страна на месното население до соодветните државни институции од тој период.
Д-р Армен Жарноски кој по потекло е од село Жировница ја истражува историјата на реканскиот регион во минатото и преку своите книги со потврдени историски аргументи остава трага и воедно ги збогатува нашите познавања за реканскиот крај. Веруваме дека во иднина ќе има уште многу вакви истражувања и објавени книги со кои ќе се зголеми фондот на книги посветени на реканскиот регион.
Д-р Армен Жарноски е автор и на книгата “Богомилството и суфизмот во Македонија и на Балканот (X-XVI век): историски паралели”.
Според архивските документи Реканската каза се формирала во 1887 година со султански указ со што се одвоила од Дебарскиот санџак во кој дотогаш постоела како нахија. По правното формирање на казата Река, се воспоставува државен конак во кој претстојувал кајмакамот и неговата придружба, а се основал и основен суд, болница и пазар. Како прв кајмакам на Река се спомнува Џемал-паша, кој на оваа функција е назначен со султански указ од 24 април 1887 година. За седиште на казата најпрво било одредено селото Требиште, меѓутоа по недоразбирање со сопственикот на конакот, префрлено е во селото Жировница.
Според пописниот дефтер издаден од Дебарското биро за попис на 28 август 1884 година во нахиите Долна Река и Горна Река вкупно имало 45 села (25 села во Долна Река и 20 села во Горна Река). Во Долна Река регистрирани се 2808 куќи со вкупно 7541 жители. Во Горна Река се регистрирани 1229 куќи со вкупно 3140 жители. Притоа, треба да се напомене дека во пописните дефтери во османлискиот период биле попишувани само машките членови на куќите.




