Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски престојуваше во работна посета на градот Маниса, Република Туркије по повод сто годишнината од основањето на Турската Република.
На покана на валијата на град Маниса, Енвер Унлу и на претседателот на Здружението на македонските иселеници МАК – ЃОЧ Маниса, Џевдет Џомерт, градоначалникот Медат Куртовски заедно со заменик градоначалникот Кенан Елези, претседателката на советот Теута Мирто и советниците Ахмет Ахмети и Анеса Јонузоска присуствуваа на прославата организирана од градот Маниса.
Исто така свое учество и неколку настапи имаше и фолклорната група од општината.
Во текот на оваа посета градоначалникот оствари средба со валијата на градот Маниса, Енвер Унлу, градоначалникот на општина Јунусемре, Мехмед Черчи, градоначалникот на општина Шехзаделер, Омер Фарук Челик и градоначалникот на општина Кучуккој, Џенгиз Балкан кој потекнува од селото Болетен, од нашата општина.
На овие средби беше потврдена одличната соработка на нашите општини која ќе продолжи и понатаму во иднина. Мостовите на соработка и понатаму се зацврстуваат и зголемуваат. Нашите иселеници во Република Туркије се нераскинлив дел од нашето постоење.
При посетата на здружението на македонските иселеници во Маниса присуствуваше и министерката за труд и социјала, Јована Тренчевска, заменик министерот за култура Лаим Дачи и државната секретарка во министерството за образование Билјана Казанџиска. Беше ветена поддршка за обезбедување на наставник за изучување на македонски јазик за иселениците во Маниса како и за добивање на државјанство за иселениците кои ги исполнуваат условите за тоа.
Градоначалникот Куртовски исто така го посети здружението на македонските иселеници Дебре во Чамдиби, Измир каде што имаше средби со иселениците.