Претставници на локалното население и месните заедници од Ростуше, Требиште и Жировница ја следеа дводневната едукативна работилница на која господинот Ирвин Арнаудов, експерт за изработка и продажба на сувенири и традиционални еко производи, практично ги пренесе своите искуства.  Работилниците се дел од активностите предвидени во проектот “ЕКО Тезги – дополнителна можност за промоција на локалните вредности и еко производите”. Преку овој проект кој е финансиран од страна на проектната програма за Одржливо искористување на природните ресурси во Кораб-Коритник, Шара и Албанските Алпи, финансирана од страна на фондацијата CNVP (Connecting Natural Values and People), финансиски поддржана од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, беа изработени 4 типски еко тезги, наменети пред се за нашите сограѓани кои во иднина би сакале да развијат свој бизнис или да обезбедат дополнителен приход. Учесниците имаа можност да научат нешто практично и од прва рака да слушнат како господинот Арнаудов од една обична идеја создал сериозен бизнис и во моментов во негова сопственост има неколку продавници за сувенири и еко производи. Тој презентираше повеќе типови на производи и сувенири т.е готови производи, полупроизводи кои треба да се доработат за да може да се продаваат како сувенир или еко производ и самостојно изработени сувенири и еко производи кои се едни од најатрактивните на пазарот. На средбата се зборуваше и за можноста која господинот Арнаудов ја понуди на сите оние кои ќе покажат сериозен интерес за работа и идна соработка со него, но и со неколку други локални и регионални производители на сувенири и еко производи.